Четириесет средношколци од СОУ „Добри Даскалов“ од Кавадарци од денеска до 24 ноември ќе бидат на интеркултурна размена во Детското Село Песталоци во Троген, Швајцарија, во чии рамки, преку различни активности, треба да им се овозможи на младите да научат за принципите на меѓукултурниот дијалог и комуникација, различните вредности и толеранцијата помеѓу децата и младите со различни култури.
Во Детското Село во Троген, учениците ќе живеат заедно во две куќи за целиот период на размената, ќе посетуваат курсеви за интеркултурно образование и детски права и ќе имаат интеркултурна размена со друга група нивни врсници од Молдавија.
Заедничкото живеење, курсевите и интеркултурната размена со другата група се координирани за да се надополнуваат меѓу себе со цел да се обезбеди високо квалитетно интеркултурно искуство. Кон крајот на размената децата и младите ќе подготват акциски план за размена и пренесување на знаењето и она што го научиле на нивните врсници во матичната земја. По кампот, децата ќе се поттикнуваат да размислуваат за своите искуства, со цел да ја зајакнат одржливоста на нивното учење. Преку спроведување на акциските планови, тие ќе го пренесуваат своето ново знаење, разбирање и свесност не само меѓу нивните врсници, туку и меѓу наставниците, родителите и другите возрасни лица.
Интеркултурната размена во Детското Село Песталоци – Троген е во состав на соработката помеѓу Коалицијата на младински организации СЕГА и Детската Фондација Песталоци во полето на интеркултурното образование.
Досега на интеркултурните размени организирани од Коалиција на младински организации СЕГА учествуваа 360 ученици од 10 основни и 10 средни училишта од Прилеп, Дебар, Куманово, Тетово, Кавадарци, Охрид, Струга, Гостивар, Штип и Битола.