На поканата од Меѓународната Кризна Група во Њујорк, САД, Трифун Костовски учествуваше на серија панел дискусии и на свечена прослава по повод 20 години од постоење на Меѓународната Кризна Група, една од светски највлијателните тинк-тенк организации, каде оствари средби со еминентни личности.
Костовски беше поканет од страна на претседателот Жан Мари Гуехено, кој го замоли да го продолжи членството во Меѓународната Кризна Група, со цел да даде свои согледувања во врска со реалната ситуација, не само на Република Македонија, туку и во целиот регион.
Покрај одличната работна атмосфера, за време на прославата, Костовски имаше можност да оствари средби со своите стари познаници Џорџ Сорос, Весли Кларк, Герет Еванс, големи докажани пријатели на Македонија, како и со други видни личности од Стејт Департментот и бизнис фелата.
Покрај лобирањето во интерес на Република Македонија, како единствен претставник од целиот регион, пред толку влијателна публика, Костовски оцени дека односите со оваа ценета меѓународна организација ги смета како мошне важни за Република Македонија, додавајќи дека доколку сите политички чинители се осојузат, многу повеќе можеме да придонесеме за поуспешно етаблирање на Република Македонија во регионот и во целиот свет.
Како единствен поранешен претставник, кој бил член на Меѓународната Кризна Група од целиот регион, имаше можност да учествува и дискутира на панел дискусии кои беа ставени на дневен ред, и тоа:
Бегалската криза;
Војната на блискиот исток;
Африка, како најзапоставен континент, кој се соочува со нови предизвици, кои може да донесат нестабилност во цел свет;
Криминалот и неговите растечки димензии, како несакана општествена појава со особен акцент врз политичкиот криминал.