Заедничка Декларација со која ќе се изрази подготвеност за соработка во насока на постигнување на „позелен“ раст е главниот резултат кој се очекува на министерската конференција на ЦЕИ на тема „Кон климатскиот самит во Париз 2015, предизвици за државите членки на ЦЕИ“ во организација на Мистарството за животна средина и просторно планирање, што ќе се одржи на 6 ноември во Скопје.
Ова денеска на средба со новинарите го најави министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири по повод климатскиот самит во Париз.
Со цел да се постигне глобално утврдената цел за намалување на глобалното затоплување за 1 до 2 степени целзиусови до крајот на векот, покрај тоа што е неопходно усвојување на меѓународен обврзувачки договор кој ќе биде применлив за сите земји најдоцна до 2015 и да стапи во сила до 2020 година, ќе биде потребна и одговорна реализација на преземените обврски што подразбира ангажман и соработка со сите важни чинители, истакна Изаири.
Според него, од конференцијата се очекува да произлезе платформа за размена на гледиштата во врска со предизвиците со кои, како што рече, се соочуваме во напорите за постигнување на ниско-јаглероден раст на национално, регионаклно и глобално ниво.
Во рамки на самитот во Париз, амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер појасни дека меѓу другото, ќе се организира и самит за млади на кој ќе бидат поканети голем број невладини организации од светот, меѓи кои и од Македонија. Информира дека на тој самит ќе присуствуваат околу 5.000 лица кои ќе дискутираат на тема „Конференција за млади“. Според неа, целта на таа конференција е да се упати порака дека младите се спремни.
На средбата со новинарите амбасадорката Оер ја потенцира заложбата на Македонија која како прва земја од Балканот ја подготви својата Националната програма во која има неколку предвидливи сценарија чија што цел е намалување на глобалното затоплување од 1 до 2 степени.
Според неа, париската конференција има утврдено високи амбиции, кои теба да се спроведат. Иако Македонија емитува помалку јаглерод диоксид споредено со замји како Кина или САД, потребно е, рече Оер, и таа да го даде својот придонес кој во иднина конкретно ќе значи поевтина електрична енергија или транспорт кој ќе биде во полза на сите граѓани.
За постојаниот преставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон, климатските промени се предизвик кој го дефинира денешното време. Според неа, 2015-та е клучна година за климатските промини во која треба да се донесат важни решенија.
Информирајќи за дел од студиите на УНДП во Македонија, Винтон истакна дека како последица на климатските промени во следните неколку години може да се намали производството на јаболка за 40 проценти и производството на грозје за 32 отсто. Во таа насока таа упати апел дека треба внимателно да се работи и да се запре тој негативен тренд. За Винтон, Македонија е предводник во регионот во преземањето на политиките за справување со климатските промени и порача дека тие политики треба да се пренесат до граѓаните.