На 2 Ноември 2015 год., беше закажано судското рочиште во најновиот политички мотивиран и монтиран државен прогон против Архиепископот охридски г.г. Јован, двајца Епископи, свештенство, монаштво и припадници на канонската Црква во Р. Македонија, Православната Охридска Архиепископија.
Судското рочиште беше закажано откако Врховниот суд, со сериозни забелешки во полза на неправедно обвинетите, ја укина осудителната пресуда на Основниот суд, но, истовремено, предметот го врати на повторно судење кај истиот судија, којшто ја донесе осудителната пресуда.
И овој пат, по третпат, судското рочиште беше одложено!
Јавната обвинителка претходно го немаше известено судот дека нема да се појави на судското рочиште, а, согласно на добиениот записник, немаше ниту благовремено приложено потврда дека од здравствени причини нема да дојде на судењето. Судијата преку телефон ја побара и зборуваше со Јавната обвинителка, која тогаш го извести дека нема да се појави на судењето. Доколку судот беше благовремено известен за непојавувањето на обвинителката, неправедно обвинетите немаше да бидат изложени на трошоци и на губење време за да дојдат од различни градови на татковината.
Правосудниот систем во нашата татковина е изложен на сериозни критики од страна на меѓународната заедница и неговата коренита реформа е еден од главните услови за приближување на земјата до напредните демократски општества!
Следното рочиште е закажано за средината на Декември! Имајќи предвид дека за првпат судењето беше закажано во Јули, оваа година, очигледно дека судот не е кадарен во изминатава половина година да го почне судењето!
Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква, во Мај, оваа година, позитивно одговори на барањето на расколничката МПЦ за започнување на дијалог за решавање на проблемот на оваа непризната црква, но со јасна и недвосмислена одредба: дијалогот нема да заврши додека претходно не заврши овој монтиран судски процес со ослободителна одлука на судот!