Уставниот суд го одби барањето за заштита на слободите и правата поднесено од новинарите на „Фокус“, Владо Апостолов и Јадранка Костова, а во врска со пресудата со која тие беа парично казнети за нарушување на честа и угледот на некогашниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков.
Мијалков ја поднесе тужбата против весникот „Фокус“ поради два објавени написи, засновани врз изјави на поранешниот амбасадор Игор Илиевски, со обвинувања против екс шефот на УБК.
Основниот суд Скопје II Скопје пресуди дека тужените новинари се одговорни за клевета сторена спрема тужителот Мијалков. Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда.
Уставниот суд во својата одлука наведува дека „првостепениот и вторстепениот суд правилно утврдиле дека не постојат основи за исклучување на одговорноста на новинарот Владо Апостолов и главниот и одговорен уредник Јадранка Костова“, за написите објавени во дневниот весник „Фокус“.
„Првостепениот и вторстепениот суд, со примена на наведените уставни и законски одредби, како и соодветна практика на Судот за човекови права во Стразбур, правилно утврдиле дека не постојат основи за исклучување на одговорноста на новинарот Владо Апостолов и главниот и одговорен уредник Јадранка Костова за написите објавени во дневниот весник „Фокус“. Имено, во постапката пред судовите тужените не успеале да докажат дека објавувањето на е-маил комуникацијата, доставена од првотужениот Игор Илиевски имало за цел предизвикување на јавна дебата“, се наведува во одлуката на Уставниот суд.
Во одлуката се додава дека според првостепениот суд информациите не содржеле информации од јавен интерес и туку имале интенција „да се започне пренесување на гласини, кои сериозно повредувале нечие право на чест и углед“.