Младите стружани денеска имаат можност да ги кажат проблемите кои ги засегаат, во рамки на проектот „e – ENGAGEMENT“ што го организира Младинскиот сојуз со поддршка на фондацијата е-Македонија.
Целта на проектот, според Марија Арсовска од Младински сојуз, е да се промовираат најновите дигитални алатки кои ќе им помогнат на младите повеќе да бидат вклучени во општествените прашања. Со младите ќе работат експерти кои ќе им помогнат да научат како да дојдат до вистинските информации, да формираат мислење, да ги изразат своите сопствени ставови како и да придонесат за позитивни промени во општеството без разлика дали дејствуваат во нивно лично име, преку училиште или преку одредена младинска група
– Не е наша цел да ги промвираме фејсбук, твитер или јутуб, туку целта е да ги промовираме тие алатки на поинаков начин да видат младите како можат да ги користат за да го подобрат своето си-ви, а потоа и општеството што ги опкружува. На почетокот сакаме да видиме што ги засега младите во Струга. Не мора да се проблеми, може да се работи што сакаат да ги подобрат или променат, потоа работејќи во групи ќе им помогнеме да ги насочиме кон патот за надминување, подобрување или решавање на проблемите, изјави Арсовска.
Во рамки на проектот лани беа организирани четири работилници во исто толку градови со по 20 млади, што, според Арсовска, покажало успех и годинава организираат 12 работилници, во 12 градови со по 100-тина млади. Таа заклучи дека во малите средини има поголема заинтересираност за надминување на проблемите во заедницата.
– Имавме заедници како Свети Николе, Кратово, Делчево, не само големи заедници како Струга и можам да кажам дека во тие заедници има толку млади луѓе што се спремни да направат нешто подоро за заедницата. Не им е цел да избегаат и да го најдата спасот во Скопје или во странство, туку се спремни да работат на конкретни работи и да ја подобрат заедницата, истаклна Арсовска.
На минатогодишната работилница во Свети Николе младите донеле одлука за чисење на кејот, во Делчево имало акција „На точак“ за да ги стимулираат градските власти дека во Делчево им треба велоспиедска патека. – Фасцинирани сме од фактот колку младите сакаат да работат, а колку никој не ги слуша, немаат доволно простор за да ги искажат своите ставови и мислења, смета Арсовска.