Најновите сознанија од областа на византолошките и средновековните студии, што го вклучува и феноменот на културното и историското наследство денеска и утре ќе бидат претставени на третиот меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустиниан Први“.
Во конференциската сала на Град Скопје со свои реферати ќе се претстават повеќе од 40 професори и научни работници од 15 држави, Албанија, Белгија, Бугарија, Грција, Италија, Крим, Обединето Кралство, Полска, Романија, Србија, Франција, Холандија, Хрватска, Чешка и Македонија. Годинава темата е „Византија и наследството на Европа: Поврзување на културите“.
Симпозиумот „Денови на Јустинијан Први“ претставува дел од партнерската програма меѓу Универзитетот „Евро-Балкан“ и Универзитетот во Болоња и кампусот во Равена, а се одржува со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје.
Сеопфатниот тематско-содржински концепт на рефератите меѓу другото ќе ја претстави Република Македонија како интегрален дел од византиските културни и духовни традиции и наследство.
Митко Панов, претседател на Меѓународниот научен комитет и организациски истакна дека овој научен форум ги обединува истражувачите ширум светот во поглед на интерперетација на византиското наследство и неговото проектирање во современоста, како тоа се разбира, како треба да се негува, како да се заштитува.
Италијанскиот амбасадор во Македонија Ернесто Масимо Белели на отворањето нагласи дека Јустинијан Први го гледаме од различни гледишта и додаде оти тој е многу важен во Италија, човек со визија која ги надминува границите на земјата.
– Како амбасада ангажирани и посветени сме не само да ја следиме вашата работа, туку и ликот на Јустинијан кој во Итлија секогаш сме го сметале за Италијанец, наследник на Римското царство, рече Белели.
Марјанчо Тодоровски, секретар на Град Скопје истакна дека императорот Јустинијан Први на автентичен начин ја отсликува универзалната идеја за обединување на Европа и, како што рече, несомнено претставува траен цивилизациски белег што секако остава простор за континуиран дијалог меѓу духот и културата.
На отварањето доц. д-р Александар Спасеновски го промовира Зборникот на трудови од минатогодишниот симпозиум.