Фискалната децентрализација и бегалската криза се главните теми на кои ќе се расправа во рамки на 12-тиот по ред состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската унија што во организација на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа од денеска се одржува во Охрид.
Во рамки на средбата што има за цел интензивирање на соработката на локалните власти од нашата земја со Европската унија, учествуваат претставници на локалните самоуправи од 20-тина држави. Учесниците на собирот ќе имаат можност да слушат неколку предавања, меѓу кои оние за „Статусот на процесот на проширување и вклучување на локалните власти“ на евроамбасадорот Аиво Орав, потоа за предизвиците и состојбите во земјата предизвикани од бегалската криза, процесите на фискалната децентрализација со презентација на практиките од ЕУ, како и искуствата на нашите локални власти.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Коце Трајановски за самиот Заеднички комитет посочи дека е многу значаен оттаму што ги промовира достигнувањата на локалната самоуправа во РМ пред европските власти.
– Секоја година кога добиваме извештај од ЕУ има еден дел кој се однесува и на напредокот на Македонија во рамки на децентрализацијата или во рамките на локалната самоуправа. Можам да констатирам дека секоја година РМ добива позитивен извештај во делот на децентарализација. Тоа е благодарение на она што се работи на полето на локалната самоуправа, рече Трајанов.
Како едно од позначајните достигнување во областа на унапредувањето на работата на локалните самуправи тој го посочи воведувањето на системот за електронско одобрение за градба и останатите е-сервиси што ги дава ЗЕЛС.
– На оваа седница денеска ја споделивме и радоста што ние станавме 12-та земја во светот а десетта во Европа според дуинг-бизнис во делот на издавање на е-одобрението за градба за чие воведување интерес пројавија и Србија, Црна Гора и Албанија, рече Трајанов.
Иван Франгов градоначалникот на Гевгелија, по однос бегалската криза укажа на предизвиците што се исправени пред локалната власт, како и за нејзините потреби во услови на наплив на луѓе чија бројка се движи од 2,5 до шест илјади дневно.
– Веќе е разговарано со европската делегација, со УНДП, УНХЦР како и со други организации да ни се помогне. Ние мораме да ги удвоиме нашите капацитети. Ако во Гевгелија месечно се подигнуваат по 1.900 контејнери смет, имавме по 790 подигнувања на котејнери месечно само на пунктот за мигрантите. Капацитетите во Јавното комунално претпријатие треба да работат двојно повеќе. Тука ќе имаме и дополнителни потреби од електрична енергија заради греење во зимскиот период, појасни тој.
Франгов меѓу другото укажа и на барањето за отворање нов граничен премин испратено уште пред четири години до надлежните институции, на кое се уште нема одговор.
– И без мигрантската криза го имавме тој предлог за да може да го олесниме протокот на патници во летниот период кога има гужва на граничниот пермин „Богородица“. Сега гледаме дека ни е многу неопходен зашто порегуларно и поконтролирано ќе минуваат мигранти, а не стихијно. Новиот премин е токму на местото каде што сега минуваат мигрантите покрај самата железничка пруга, рече тој.
Жан-Франсоа Истас, копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет посочи дека сите земји што се погодени од бегалската криза треба посветено да работат на нејзино разрешување, притоа изразувајќи голема благодарност за Македонија за она што досега го направила за бегалците.
– Се обидуваме и ние да помогнеме колку што можеме зашто тоа е и наша одговорност, порача Истас.