Фејсбук веќе некое време сака да не потсети на некои моменти од нашето минато, но овие денови ни овозможија да ги избришеме тие денови или луѓе кои не ги сакаме во потсетникот.
Фејсбук во март оваа година ја воведе алатката „На овој ден‟, а мислењата на корисниците се и понатаму поделени. Додека некои се радуваат на минатите постови, други се жалат дека ги нервира кога Фејсбук ги потсетува на некои моменти кои сакаат да ги заборават.
Новинарката на Би-Би-Си, Џулија Мекферлеин се пожали на Твитер дека Фејсбук непријатно ја изненадил кога како спомен на денешниот ден ја понудил фотографијата која таа ја објавила пред три години додека известувала за терористички напад во Бејрут во кој загинаа осум луѓе. За работата да биде уште полоша, Фејсбук фотографијата на која е прикажана расплакана жена одлучи да ја украси со нацртани балони и мачка. Тоа на Јулија и разбуди лоши сеќавања од трагичниот ден, а не е ни прва ниту последна која се пожали на „Спомените‟ на Фејсбук.
Многу корисници на социјалната мрежа се пожалија дека Фејсбук ги потсетува на некои моменти и луѓе кои сакаат да ги заборават. Иако бришењето на тие постови и фотографии звучи како логично решение, многумина заборавиле на своите објави од пред неколку години се додека Фејсбук не ги потсети.
Но, на многумина опцијата „На денешен ден‟ им се допаѓа токму поради тоа што ги потсетува на некоја далечна заборавена фотографија или објава која инаку потешко би ја пронашле.
Доколку не сакате секој ден да добивате известувања за тој ден, Фејсбук неодамна овозможи да ги исклучите, а вклучи и опција да блокирате одредени луѓе и денови кои се појавуваат на тој потсетник.