Тренерот на Сан Антонио Спарс, Грег Попович, ќе биде селектор на репрезентацијата на САД од 2017 до 2020 година. Поповиќ на клупата на националниот тим ќе го наследи Мајк Кжижевски кој ќе се повлекува по Олимписките игри во Рио де Жанеиро.
„Голема чест преставува именувањето за селектор на САД. Она што е постигнато под водство на Џери Коланџело (директор на репрезентацијата) и Мајк Кжижевски е навистина неверојатно, а јас ќе се потрудам да ги задржам високите стандарди кои тие ги поставија“, рекол Попович.
Репрезентацијата на САД нема пораз уште од полуфиналето на Светското првенство во 2006 година и се наоѓа во серија од 63 победи. Во тој период Американците освоија златни медали на две светски првенства и на две Олимпијиади.
Грег Попович 19 години е тренер на Сан Антонио, пет пати ја има освоено титулата во НБА лигата, а три пати бил избиран за тренер на годината.