Приближно 300 илјади млади Грци ја напуштиле земјата од почетокот на економската криза, информира електронското издание на грчкиот весник „Та неа“.
Според податоци на „Алфа банк“, вкупно 228 илјади лица емигрирале од земјата меѓу 2009 и 2013 година, а тенденцијата се задржала и во текот на 2014 година.
-Заминувањето на младите луѓе придоби големи размери во последните години на економска криза, бидејќи добро образованите луѓе бараат подобри услови за живот со повисоки плати, коментираат аналитичарите на банката.
Главните причини за емигрирањето на Грците се големиот раст на невработеноста, особено меѓу младите, и значителниот пад на приходите.
Во анализата на „Алфа банк“ се посочува дека нивото на образование во Грција е повисоко од просечното во Европа. Дури 88 отсто од младите во Грција, на возраст меѓу 20 и 24 години, имаат средно и високо образование. Во останатите земји од еврозоната процентот е 80 отсто.
Карактеристично за пазарот во Грција е и големиот број специјалисти во некои области. Во текот на 2013 година, на пример, на секој илјада жители имало по 6,3 лекари, додека во земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) просечно доаѓале по 3,3 лекари на илјада жители.