Премиерот Никола Груевски денеска во рамките на престојот во Мадрид, Кралство Шпанија, оствари средба со Генералниот секретар на Светската туристичка организација на Обединети Нации Талеб Рифај.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, станало збор за конкретните чекори за поддршка од страна на Светската туристичка организација во насока на развој на туризмот, а било договорено следната година да се одржи заедничка инвестициска конференција за промоција на туризмот и хотелиерството каде ќе бидат презентирани туристичките потенцијалите со кои располага Република Македонија.
Соговорниците разговарале за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Светската туристичка организација, начините и механизмите за промоција на потенцијалите на државата во делот на туризмот, како и инвестициските активности во поглед на збогатена туристичка понуда.
Премиерот Груевски истакнал дека македонската Влада спроведува поголем број на мерки, активности и политики кои резултираат со значителен напредок во туризмот како значајна стопанска гранка која претставува значаен дел во македонската економија. Како доказ за успешноста во туризмот го истакнал и фактот за перманентниот раст на бројот на туристи во Република Македонија, кој од 2007 година до минатата година е зголемен двојно. Тој истакнал дека е позитивно што ваквиот тренд на раст се задржува и во првите осум месеци од оваа година при што бројот на туристи е зголемен за 10.1 проценти, а бројот на странските туристи е зголемен за 14.2 проценти споредено со минатата година.
Македонскиот премиер истакнал дека Владата инвестира и во инфраструктурата, во изградбата на туристички содржини, уредување на крајбрежјата на езерата, а обезбедува и поволни услови за инвестиции во сместувачки туристички капацитети и овозможува субвенции за домашните тур-оператори за привлекување на странски туристи.
Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифај позитивно го оценил напредокот на земјата на туристичка мапа, како и напорите на македонската Влада за развој на туризмот. Тој истакнал дека Македонија е позитивен пример за напредок во оваа сфера додавајќи дека државата може да смета на поддршката и соработката со Светската туристичка организација во поглед на туристичка промоција и забрзување на развојот во оваа сфера.
– Вистинска привилегија е што имаме можност да соработуваме, да разговараме за силната поддршка и посветеност на туризмот која ја овозможува премиерот Груевски, при што ја истакнав нашата волја да го помогнеме и развиваме туризмот во Македонија. Се согласивме за две работи, да поддржиме интернационална инвестициска конференција за туризам која би се одржала во 2016 година, а втората работа е да ја продолжиме и интензивираме нашата билатерална соработка во поглед на подобрување на капацитетите, обука на кадар и промоција на туризмот во Македонија, истакнал Генералниот секретар на Светската организација за туризам при ОН, Талеб Рифај.