Во театарот во Велес синоќа се одржа 7. традиционална ораторска вечер „Петар Поп Арсов“.
На ораторската вечер насловена „Образованието е пат кон личниот успех и успех на државата“ учествуваа десет млади оратори од Струмица, Градско, Неготино, Охрид и Велес. Ораторската вечер се одржа во организација на УМС на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
Професорката Анита Мирчева од жири-комисијата на ораторската вечер, која има и натпреварувачки карактер, истакна дека одлучиле првото место да и припадне на Ангела Илоска од Охрид, второто на Донка Илчева и третото место на Филип Аргон од Велес.
Првопласираната Ангела Илоска, студент на Факултетот по медицина во Скопје, изјави дека ова и е втор настап, а првиот и бил минатата година на ораторската вечер во Битола.
– Јавното изразување е едно од најсилните алатки која ја поседуваме и една од основите на комуникација особено во современиот свет. Тоа беше она што ме мотивира, потенцира Илоска.
Живе Катранџиев, претседател на УМС на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Велес во својство на организатор на манифестацијата рече дека ораторската вечер од година во година е се подобра и поквалитетна.
– За квалитетот и реномето на ораторската вечер потврда е тоа што освен од Велес има пријавено и млади оратори од други градови од земјава. Воедно, факт за квалитетот е тоа што минатогодишниот победник на ораторската вечер во Велес, Стефан Николовски учествуваше и на Регионалната ораторска вечер и беше победник и таму, а воедно и на финалната ораторска вечер на Македонија успеа да го освои второто место,потенцира Катранџиев.