Јужноафриканскиот олимписки и параолимписки атлетичар Оскар Писториус е пуштен од затвориот во Преторија и префрлен во домашен притвор по безмалку една година, откако беше осуден на пет години затвор за убиството на неговата девојка.
Се очекува, домашниот притвор во следните четири години тој да го помине во куќата на неговиот вујко во Преторија,
Писториус (28), кој трча со специјални протези затоа што му се ампутирани двете нозе, во февруари 2013 година ја застрела Рева Стенкамп, низ заклучената врата на бањата во неговата вила, по грешка, мислејќи дека внатре се крие провалник.
Во октомври минатата година тој беше осуден за ненамерно убиство.
Обвинителството на Јужна Африка, на судскиот процес, што предизвика голем публицитет во светот, тврдеше дека станува збор за убиство со умисла. Судијата меѓутоа, оцени дека во текот на судењето Овинителство не успеало да обезбеди доволно цврсти докази за таквото обвинување.
Родителоте на убиената Стенкамп преку својот адвокат изјавија дека нема да го коментираат ослободувањето на Писториус, објаснувајќи дека ништо веќе не може да им ја врати нивната ќерка, но нејзините блиски изјавија за јужноафриканските медиуми дека атлетичарот „лесно поминал“ во целиот случај.
Јужноафриканското Обвинителство поднесе жалба до Врховниот суд, а расправата околу жалбата е закажана за 3 ноември.
Од затворот Кгои Мампуру, Писториус беше пуштен еден ден порано од претходно најавениот термин за неговото ослободување.