ЈКП „Дервен“ со подршка од општина Велес денеска продолжи со акцијата за бесплатно делење на зелени пластични канти за отпадоци за велешките домаќинства на улиците: „Павел Шатев“, „Мите Богевски“, „Стефан Димитров“, „Камка Тоцинова“, „Кирил и Методиј“, „Архиепископ Михаил“, „Коле Неделковски“, „Мирка Гинева“ и „Белградска“.
Увид на активноста на терен направија градоначалникот Славчо Чадиев и Фидачо Цековски, директор на ЈКП „Дервен“.
Чадиев информира дека денеска се делат дел од планираните илјада канти за отпадоци за оваа година. Лани, додаде, беа поделени првите 218, а догодина ќе се поделат уште 1.500 канти за отпадоци.
– Од илјада канти кои ќе се делат годинава, 800 се зелени, а 200 жолти. Жолтите веќе се делат на 200 домаќинства во Велес кои лани добија зелени канти. Тие ќе се користат за селектиран отпад, односно за пластика и хартија. Акцијата за доделување на бесплатни канти за отпадоци ќе продолжи контунуирано и во наредните години кога вакви канти за отпадоци со тркалца ќе добијат сите 16 илјади домаќинства од општина Велес, рече Чадиев.
Директорот Цековски, потенцира дека со новите канти за отпадоци нема расфрлање на сметот по велешките улици, се создава и навика за поголема хигиена кај граѓаните, а со новите жолти канти постепено ќе се развива и навика за селектирање на отпадот од домаќинствата.