Израелскиот тур-оператор „Arkia International“ планира од идната година да воспостави директна авионска врска со Охрид и на тој начин да им овозможи на израелските туристи организирано да летуваат во Македонија. Тоа е потврдено на денешната средба на генералниот директор на „Arkia International“, Дуду Макхлаб, со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, Кристијан Џамбазовски.
Според информациите од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, планирано е првично на релација Израел – Охрид да оперираат два летови седмично, почнувајќи од 1 јуни 2016 година.
Инаку, во тек се преговори за закуп на сместувачки капацитети во Македонија каде би биле сместувани гостите од Израел кои организирано би летувале тука, а се очекува договорите да бидат парафирани за неколку седмици.
Израелскиот тур-оператор „Arkia International“ постои повеќе од шест децении, притоа со сопствената флота годишно превезувајќи повеќе од 1,6 милиони патници. Меѓународниот авиопревозник „Arkia“ оперира на 34 светски дестинации, соработувајќи со повеќе од 600 туристички агенции лоцирани во најголемите метрополи ширум светот. Од европските дестинации, „Arkia“ лета за Италија, Ирска, Англија, Бугарија, , Германија, Данска, Холандија, Турција, Унгарија, Грција, Словенија, Шпанија, Чешка, Франција, Кипар, Хрватска, Романија, Шведска, Швајцарија, , Русија, Полска, Украина, Норвешка, Финска.