Чешка уште се уште не успева да ја искорени сегрегацијата на ромските деца во училиштата и покрај воведените стратегии за интеграција се уште има голем број на образовни институции „само за Ромите”, каде се учи според помали наставни програми.
Таква критика во својот редовен извештај објави Советот на Европа, иако во документот истовремено се вели дека Чешка постигнала одреден напредок во борбата против расизмот, јави дописникот на МИА од Прага.
– Иако има некои позитивни трендови, како што е донесувањето на стратегии и Закони за антидискриминација останува загриженоста, поради недостатокот на овластувања на Народниот правобранител за ефикасна борба против расната дискриминација и решавање на долгогодишниот проблем на сегрегацијата на ромските деца во образованието и во пристапот за домување, се вели во Извештајот.
Според европската меѓународна политичка организација, во говорите на чешките политичари се уште се присутни антиромски изјави и од неодамна е забележано зголемување на говорот на омраза кон бегалците и муслиманите.
Забележано е, дека полицијата често не си ја врши работата и не презема мерки против оние кои јавно поттикнуваат омраза против одредени нации, раси или етнички групи.
Според Извештајот, Ромите страдаат од предрасудите и на пазарот на трудот и имаат проблеми и во областа на домувањето. Изразена е и загриженост од зголемениот број на противромски демонстрации организирани од екстремистичките десничарски групи.
Советот на Европа, препорачува воведување на најмалку една задолжителна година на бесплатно претшколско образование за сите деца кои ќе одат во прво одделение, сметајќи дека тоа највеќе ќе им помогне на ромските деца, како и донесување на Закон за социјално домување.