Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска оствари средба со Претседателот на Израел, Реувен Ривлин.
„Денеска имавме голема чест, на покана на претседателот на Израел и неговиот кабинет, да бидеме гости, јас и дел од луѓето од Социјалдемократскиот сојуз, коишто се претставници на нашите комисии, во присуство на амбасадорот амбасадорот на Македонија во Израел и во присуство на амбасадорот на Израел за Република Македонија.
Се работи за протоколарна средба на којашто со претседателот Ривлин разговаравме за многу аспекти за унапредување на соработката помеѓу нашите две земји. Секако се разговараше за земјоделието, разговаравме за енергетиката, менаџментот со водите, за унапредување на телекомуникациската соработка. Разговаравме и за онаа соработка којашто е веќе воспоставена, во делот на одбраната и едукацијата на Армијата. Секако разговаравме и за многу други аспекти коишто ќе бидат тема овие денови, овде за време на посетата, пред се за делот за којшто ќе оствариме средба со бизнисмените. Се надеваме дека ќе покренеме идни конкретни чекори на взаемни трговски соработки, но и потенцијални можни инвестиции во Македонија.
Претседателот навистина покажа голем респект кон нашата земја и со поканата и со одделеното време за самата средба. Запознаен е со состојбите во Македонија, но имаат и многу драгоцени искуства како едно мултиеничко општество коишто можат да ги споделат со нас како граѓани на Македонија.
Навистина сме задоволни заради тоа што оваа чест којашто денеска е укажана верувам дека ќе биде само од полза за унапредување на соработката помеѓу нашите народи“, изјави Зоран Заев.
Имајќи предвид одредени квалификации, што значи оваа посета за вас?
„Ова само по себе, и самата покана и протоколарната средба со врвот на Израел, еве денеска се случи средба со претседателот на државата, утре претстојат средбите со заменик премиерот на Израел кој истовремено е министер за внатрешни работи, со одредени други служби исто така поврзани со внатрешни работи, но и со министерот за енергетика, транспорт и води се многу значајни средби, коишто сами по себе го демантираат она што од страна на власта беше најавувано.
Јас верувам дека и причините за покана за оваа средба беа токму тие. Израелската Влада, а еве денеска видовме и претседателот, добро знаат дека опозицијата многу внимаваше за да не ги нарушиме односите помеѓу нашите две земји. Тоа го почитуваат и информирани се за состојбите во Република Македонија.
Мислам дека суштината за поканата за посета на еден опозиционен лидер на една мала земја како што е Македонија е и официјално демантирање на ваквите најави пласирани пред околу шест месеци од страна на власта“, одговори претседателот на СДСМ.