Командантот на американските и меѓународните сили во Авганистан генерал Џон Кембел изјави во Пентагон денеска, дека авганистанските сили го побарале американскиот воздушен напад, во кој загинаа 22 лица во болница во Кундуз на крајот на минатата седмица.
Кембел на тој начин ја коригираше првичната американска изјава, според која воздушниот напад имал за цел да ги заштити американските сили, кои биле нападнати.
Генералот изјави дека авганистанските сили се посоветувале со американските сили за специјални операции на теренот, дека им е неопходна американска поддршка од воздух, по што следел воздушниот напад. Тој рече дека неколкумина цивили „биле случајно убиени“.
Кембел одби да даде повеќе детали, изјавувајќи дека е во тек воена истрага. Тој додаде дека од истрагата разбрал дека Авганистанците, а не Американците, го побарале воздушниот напад.