Општина Кисела Вода и годинава се вклучи во проекот „Македонија без отпад” која ја организира Министерството за животна средина и просторно планирање и Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“.
Вработените во општина Кисела Вода, сезонските работници, но и сите оние граѓани кои се одзваа на повикот од општината, го чистеа отпадот од повеќе локации: патот за Теферич (од складот на Треска до црквата Св. Преображение), трим-патеката, во Драчево – од Паркот на бранителите, од пазарот и амбулантата.
Во акцијата, како што соопштија од општината, се вклучија и учениците од основните училишта во општината, кои ги чистеа училишните дворови.
Резултат од денешните активности насочени кон чистење и развивање на свеста за правилно постапување со отпадот се собраните 70 вреќи со комунален смет и ПЕТ амбалажа. Отпадот, со камиони, е пренесен до депонијата Дрисла.
Националната акција за собирање на отпадот која има за цел поттикнување и активирање на јавноста на Македонија за чистење на расфрланиот комунален отпад, како и едукација за негово правилното отстранување, се одржува четврта година по ред. Таа е дел од глобалната акција Let’s do it World, поддржана од Европскиот парламент и спроеведена во 112 земји во 2014. Како пилот проект, стартуваше во 2012 година од општина Кисела Вода.