Воената академија и најстариот приватен воен универзитет „Норвич“ од пролетниот семестар ќе започнат со реализација на проектот за размена на питомци. Ова беше договорено на вчерашната средба на министерот Зоран Јолевски со претседателот на Универзитетот, адмирал Ричард Шнајдер.
На средбата, како што соопшти денеска министерството за одбрана, министерот Јолевски изразил задоволство од досегашните контакти и соработка со универзитетот на кој досега имале можност да се школуваат студенти од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид.
Министерот Јолевски на средбата ги презентирал и следните чекори за развој на Воената академија.
– Имајќи предвид дека интероперабилноста со земјите на НАТО алијансата е исклучително важна, исто како и потребата од размена на студенти, мислења и искуства, од следната година на Воената академија дел од предметите во трета и четврта година ќе бидат предавани на англиски јазик. Со тоа ја отвораме вратата по еден семестар на Воената академија со образование да се стекнат и питомци и кадети од партнерските земји, потенцирал министерот.
Шнајдер посочил дека досегашното искуство од соработката со Македонија е исклучително позитивно и изразил задоволство што од идниот пролетен семестар двајца питомци ќе имаат можност да бидат дел од универзитетот „Норвич“. Во Универзитетот, министерот Јолевски остварил средба и со д-р Гујоу Хуанг, заменик-претседател за академски работи и декан, на која биле прецизирани деталите за новото ниво на соработка помеѓу Академијата и Универзитетот.
Во рамки на посетата на државата Вермонт, во текот на вчерашниот ден министерот остварил кратки средби со сенаторот Патрик Лејхи и сенаторот Берни Сандерс, кој е и претседателски кандидат во Соединетите Американски Држави. На средбите станало збор за соработката помеѓу Македонија и САД како и соработката помеѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт. Соговорниците заклучиле дека местото на Република Македонија е во НАТО алијансата, за што Соединетите Американски Држави даваат целосна поддршка.
Министерот Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски вчера присуствувале и на церемонијата за пензионирање на поранешниот командант на Националната гарда на Вермонт, генералот Мајкл Дуби.
Во обраќањето пред присутните министерот Јолевски посочи дека генералот Дуби е голем пријател и поддржувач на Армијата на Република Македонија.
– Вие успеавте во голема мера да придонесете во развојот на меѓусебните контакти и за тоа сме ви благодарни“, рекол министерот Јолевски и додал дека Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт се партнери за пример. Вашето лидерство, додал министерот, во оваа насока има непроценлив придонес кон нашите блиски врски, пријателски и партнерски односи.