На свеќи веќе неколку дена учат албанските ученици во струшкото село Подгорци. Поради неработење на една од фазите во училницата, 18 деца настава во училиштето Гоце Делчев во попладневните часови се принудени да ја следат на свеќи поставени на секоја клупа.
Проблемот со албанските паралелки во струшко Подгроци останува да виси во воздух. Дел од родителите не го прифатија предлогот на Министерството за образование и општина Струга нивните деца да продолжат да учат на албански јазик во соседното село Лабуништа.
Паралелките кои во моментов учат овие деца се нелегални, а родителите ги плаќаат учителките од сопствен џеб. Тие за утре најавуваат протести пред зградата на општина Струга по завршувањето на петочната молитва во џамија.
„За нашиот проблем, ние во писмена форма ги известивме Министерството за образование и наука, Народниот правобранител и претставниците на Меѓународната заедница.
– Сакаме да им укажеме за прекршувањето на основното човеково право, а тоа е правото на учење на мајчиниот јазик, но за сега не добивме одговор од никој. Сметаме дека единствен начин за решавање на овој проблем е преку мирни протести.
– Затоа секој последен петок во месецот ќе протестираме наизменично пред зградата на општината во Струга, пред Министерството за образование во Скопје и пред меѓународните институции.
– Во декември протест ќе одржиме пред канцеларијата на мисијата на ОБСЕ во Скопје, а во јануари пред седиштето на Европската Унија во Скопје. Протестите ќе се одржуваат се додека институциите не сфатат дека го бараме само нашето уставно право“ се вели во реакцијата на одборот на родители од Подгорци.
Мики Трајковски