Работничките права во Република Македонија се под финансиско-бирократските чизми на власта кои синдикалните моќници послушно ги полираат, а исклучувањето на Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) од ССМ, како и враќањето на СОНК во ССМ покажува дека власта пред изборите наредната година прави консолидација и ја засилува контролата врз синдикалното организирање, реагира невладината организација Цивил.
„Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е мало приватно царство на неколкумина верни послушници на власта кои, без трошка совест, живеат како султани од тешко заработените пари на своите членови со една цел да ја бранат власта од работниците.Своето вистинско лице СОНК не мораше да го крие, но сега и на најнаивните им стана јасно чиј пион е и овој божемно самостоен синдикат за образование, наука и култура“, се наведува во соопштението испратено до медиумите..
Во Цивил сметаат дека со начините на кои власта се обидува да го заузда незадоволството од катастрофалните политики и практики во образованието, само се докажува неподготвеноста за нивно напуштање, како во поглед на образованието, така и во сите останати сектори на заштитата на работничките и социјалните права на граѓанките и граѓаните.
„Одамна стана очигледно дека, во пресрет на изборите во 2016 година, се прави консолидација на редовите и се зацврстува контролата врз институциите и врз синдикалното организирање. За да ја постигне целта, на власта ѝ е потребно да ја намали или збрише видливоста на пленумите, а паралелно со тоа, наставниот кадар да го стави под целосна контрола.Вистински независните синдикати и пленумите на студентите и средношколците се залагаат за права и реформи кои се составен дел на корпусот на човековите права и слободи загарантирани со Уставот, меѓународното право и законите. ЦИВИЛ – Центар за слобода ги поддржува и охрабрува пленумците, како и независните синдикални организации да останат доследни на своите заложби и барања“ потененцираат од Цивил.