Премиерот Никола Груевски вчера во Њујорк, САД, се обрати на Самитот на Обединетите Нации за одржлив развој.
Во обраќањето, соопшти владината прес-служба, тој ја поздрави и поддржа универзалната агенда за намалување на сиромаштијата и подобрување на благосостојбата на граѓаните, преточена во документот Трансформирање на нашиот свет: Агенда за одржлив развој 2030. Посочи дека целите за одржлив развој треба да се постигнат со здружени сили во партнерство на глобално, регионално, национално и локално ниво.
Премиерот Груевски ја истакна регионалната посветеност на земјите од Централна и Источна Европа за придонес во реализација на целите за одржливиот развој.
– Централно-европската иницијатива со која претседава Република Македонија сака да биде активно вклучена во спроведувањето на пост 2015 развојната агенда, а земјите-членки ја искажуваат својата подготвеност за конкретен регионален придонес, за преносот на знаења и размена на најдобрите практики во различни иницијативи за одржлив развој, градење капацитети на јавните институции и подигнувањето на свеста, истакна премиерот Груевски.
Претседателот на Владата потенцираше дека Република Македонија активно придонесува кон заедничките цели и дека по Конференцијата за одржлив развој во Рио де Женеиро се интегрираат принципите за одржлив развој во нашите национални политики.
– Основавме Национален совет и ја усвоивме Националната стратегија за одржлив развој. Во јули подготвивме преглед за напредокот во спроведувањето на Стратегијата што беше претставена пред Одделот за економски и социјални работи и Одделот за одржлив развој на ОН. Следен чекор е да се вклучат целите за одржлив развој во нашите стратегиски документи, вклучително и Акцискиот план за одржлив развој. Очекуваме да добиеме поддршка преку новата УНДАФ – Рамка за развој на помош при ОН 2016-2020, што се подготвува во консултации со сите релевантни страни, додаде премиерот Груевски.