На ИФФК „Браќа Манаки“ претпладнево беше претставен Мортеза Геиди, кинематографер на „Нахид“ – ирански филм од главната натпреварувачка програма на фестивалот, кој беше прикажан вчеравечер пред бројна публика.
Филмот е на младата иранска режисерка Ајда Панахандех, генерација на Геиди, и „Нахид“ е нивни прв игран филм по снимени неколку кратки и документарни филмови и една ТВ-серија. За овој филм на годинашниот Кански фестивал режисерката доби награда за талентиран автор.
Во киносалите во Иран филмот ќе почне да се прикажува од оваа есен и Геиди очекува добри реакции во својата земја какви што имаат од публиката на фестивалите.
„Нахид“ е модерна психолошка драма за односи во семејството, за брак во криза, што не е новина во иранската кинематографија, која последните години бележи подем и често третира современи теми. Пример е драмата „Развод“ на Асгар Фархади, која во 2011 година доби „Златна мечка“ во Берлин и „Оскар“ за неанглиски филм.
Геиди и Панахандех ќе работат и на нов филмски проект. Тој рече дека покрај оваа режисерка, уште две-три млади и перспективни авторки од Иран снимаат филмови.
Зборувајќи за работата на „Нахид“, Геиди на прес-конференцијата истакна дека главно им било сценариото, приказната за Нахид, пожртвувана мајка која не може да почне нов живот поради притисоци од семејството и закана дека ќе го загуби старателството над синот. Другите аспекти следувале потоа, како ентериерот и градот (филмот е снимен во стариот ирански град-пристаниште Анзали), а боите во филмот се во функција на психолошката состојба на ликовите.
– Нахид е главна фигура во филмот и затоа мојата камера беше секогаш фокусирана кон неа. За да го доловам нејзиното расположение ги користевме боите, затоа често има сивило, но има и светлина во моментите кога е таа во куќата на саканиот, и темни бои кои ја прикажуваат мрачноста кога е кај нејзиното семејство, рече Геиди.
Тој инаку се школувал за режисер и за време на студиите сфатил дека всушност повеќе сака да е директор на фотографија, па паралелно го работел тоа. Рече дека има повеќе кинематографери од кои доста научил. Два месеца работел како асистент на кинематограферот -трикратен оскаровец Виторио Стораро, а рече го почитува и учи од Роџер Дикинс, директор на фотографија кој соработува со браќата Коен.
На новинарско прашање за тоа колку во Иран се гледаат филмови, Геиди одговори дека Иранците сакаат филм и дека треба да се создава атмосфера за публиката да ги гледа филмовите. Ирански филм и оваа година ја доби наградата „Златна мечка“ во Берлин – „Такси“ на Џафар Панахи.
На 36. ИФФК „Браќа Манаки“ денеска мастерклас ќе одржи кинематограферот од Полска Ришард Ленчевски, еден од тројцата годинашни добитници на „Златна камера 300“ за животно дело. Покрај него, добитници се и српскиот кинематографер Божидар Бота Николиќ и Јаромир Шофр од Чешка, на кои високото признание ќе им биде врачено в недела на затворањето на фестивалот.