Почна изградбата на германската „ОДВ Електрик“ во ТИРЗ Охрид/Струга. Објектот во кој ќе се произведуваат компоненти за автомобили е инвестиција од 15 милиони евра, а ќе се гради во две фази и ќе бидат отворени околу илјада нови работни места. Фабриката треба да биде готова до јуни 2016 година.
На почетокот на градба на објектот присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, директорот на „ОДВ Електрик“ Лудвиг Батон и германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер.
Владата, според премиерот, подолг период интензивно работи на подготовка на соодветна бизнис клима која ја стави државата на мапата на странски компании заинтересирани за проширување на своите бизниси.
– Инвестициите како оваа денес го потврдуваат успехот на имплементираните проекти и мерки чија намена беше токму привлекување на гиганти како „ОДВ Електрик“ во Македонија. Со денешното поставување на камен темелникот на новата фабрика Македонија добива нова голема инвестиција од автомобилската индустрија, нагласи Груевски.