Водата во ООУ „11 Октомври“ во општина Центар е хемиски и бактериолошки исправна за пиење. Ова го покажале резултатите од испитувањето на шест мостри од водата од шест различни места во училиштето, кои биле испратени во Центарот за санитарна контрола и надзор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Резултатите од испитувањето на водата денеска пред Центарот за санитарна контрола и надзор ги соопшти Благоја Филиповски, портпарол на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
– Ние секојдневно вршиме контроли на територијата на град Скопје на 50 различни места во денот. Водата не само што е безбедна за пиење, туку е втора по квалитет најдобра во Европа, рече Филиповски.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дел од земените мостри се од одделот каде што биле пријавени најмногу ученици дека биле затруени.