Професорот и поранешен амбасадор Димитар Мирчев во изјава за МИА го поздрави и поддржа номинирањето на д-р Срѓан Керим за генерален секретар на Обединетите нации од страна на Владата на Република Македонија.
– Номинацијата е многу значајна не само за Керим, туку и за Република Македонија, па и за регионот. Се уште не е определен регионот, мислам дека тоа е средна и источна Европа. Претпоставувам дека има и други кандидати, меѓутоа Керим со своето искуство и во ОН и во Македонија и по своето присуство во различни региони на светот – Азија, Америка, Африка… има реални шанси за таа позиција, која е многу важна во ОН, рече Мирчев и додаде дека државата треба да се заложи дипломатски и надворешно-политички таа позиција да му се обезбеди на Керим, односно да се добие соодветна поддршка кај членките на ОН.
Д-р Срѓан Керим е поранешен шеф на македонската дипломатија и 62-ри претседател на Генералното собрание на Обединетите нации. Одлуката за неговото номинирање за генерален секретар на ОН Владата ја соопшти денеска.
Источноевропската група во ООН, на која припаѓа и Република Македонија, во ноември 2014 година зазеде заеднички став дека следниот генерален секретар на светската организација, по основ на системот на ротација, би требало да биде избран од нејзините редови.