Како и што најавија од организациониот одбор на Скопскиот маратон кој годинава поради настаните во Куманово не се одржа, в недела на 20 септември низ улиците на Скопје ќе биде организирана трка на пет километри која ќе биде со ревијален карактер и отворена за сите кои сакаат да учествуваат во неа, без претходно да се пријавуваат.
– За да го исполниме нашето ветување и да им овозможиме на маратонците уште едно дружење, в недела ќе се одржи Ви Зер трка на пет километри. Маратонот беше откажан поради немилите настани во Куманово, но ние продолживме со нашите активности, ги одржуваме врските со нашите партнери и ја имаме поддршката од Град Скопје, Канцеларијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт, како и со МВР, па и овој пат тие се на терен и се подготвуваат за трката, соопшти на денешната прес-конференција Ѓоко Кузмановски, претседател на Сојуз на спортови на Град Скопје и на организацискиот одбор на Скопски маратон.
Сите пријавени за одложениот маратон, но и оние кои не се пријавени ќе можат да учествуваат на трката безплатно и без натпреварувачки броеви.
Кире Синадиновски директор на Ви Зер маратонот очекува од 3.000 – 5.000 илјади учесници меѓу кои и најдобрите македонски маратонци и полумаратонци.
– Ги повикуваме сите кои се чувствуваат подготвени и кои сакаат да трчаат и да се дружат да дојдат и со своето присуство да ја збогатат оваа манифестација, рече Синадиновски.
Ви Зер трката ќе почне во 8:30 часот со аеробик загревање, а стартот е во 9 часот.
Петкилометарската трка низ улиците на Скопје е и дел од календарот на трките кои се случуваат во септември во рамките на Европската недела на спортот која што ја организира Европската комисија. Мотото на неделата на спортот е „Да бидеме активни“.