Во денешната расправа за измените во Законот за одбрана, што предвидува првпат по Втората светска војна јапонски војници да се испраќаат во странски мисии, јапонските парламентарци толку се разгоропадија што на крајот и се степаа, пренесуваат француските медиуми.
Во парламентарната сала дојде до крајно нетипичната сцена – членови на опозицијата и на владеачката коалиција да го опколат претседателот на комисијата за одбрана и жестоко да се тепаат и влечат за облеката.
Потоа опозицискиот пратеник Тецуро Фукујама одржа запаллив говор во кој ги објасни мотивите на опозицијата низ процедура да го спречи прифаќањето на новата интерпретација на јапонскиот пацифистички Устав.
-Дали владеачката партија го слуша гласот на народот. Мислите ли дека можете да правите што ќе посакате бидејќи имате мнозинство. Тоа ли навистина мислите, запраша тој низ солзи во очите.
Тензијата се заостри по повеќекратното одложување на гласањето во една од комисиите на Парламентот, а како знак на протест парламентарците ги блокираа вратите и ходниците на зградата.
Вкупно 13 лица синоќа беа уапсени за време на протестот на кој пред Парламентот се собраа околу 13.000 учесници, информираа јапонските медиуми.
Десетици илјади лица речиси секој ден во последните неколку недели учествуваат во протестните прошетки низ јапонските градови, во земјата каде протестите се многу ретка појава.