Собранието за во 13 часот ја закажа седницата на која пратениците ќе гласаат за специјалното јавно обвинителство по договорот што вчера по полноќ го постигнаа партиите.
Предлогот гласи „Закон за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка.“ Предлагачи се група претеници меѓу кои Илија Димовски, Талат Џафери, Горан Сугарески и Имер Алиу.
Предлог на законот е објавен на веб страната на Собранието. Текстот ги прецизира надлежностите на специјалниот јавен обвинител и неговата автономија.
Идниот специјален јавен обвинител сам ќе го екипира својот тим од заменици обвинители и самостојно ќе ја избира администрацијата. Ќе има право да презема случаи од државното јавно обвинителство поврзани со прислушувањето, без разлика во која фаза се наоѓаат предметите.
Обвинителот сам ќе го скрои својот буџет. Потребните средства за работење на Јавното Обвинителство ќе бидат обезбедени од Буџетот на Република Македонија преку Јавно обвинителство на Република Македонија. Законот спречува Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за финансии и Собранието на Република Македонија да го менуваат финансовиот план. Според текстот на предлог законот платата на Јанева ќе биде 10 отсто пониска од платата на актуелниот државен јавен обвинител, Марко Зврлевски.