УНИЦЕФ побара од европските лидери да ги претворат новите обврски за бегалците во брза акција за децата

Од:

УНИЦЕФ го поздрави зголемувањето на обврските од страна на европските лидери за поддршка на бегалците и мигрантите – обврски што сега треба да покренат итна акција од страна на сите земји-членки на ЕУ за целосна заштита децата.

Досега, оваа година, децата веќе сочинуваат една четвртина од сите баратели на азил во Европа. Во првите шест месеци од 2015 година, 106.000 деца побарале азил во ЕУ, главно од Сирија, Ирак и Авганистан – пораст за речиси 75 отсто од 2014 година.

„Заштитата на децата-бегалци и мигранти од повредување, особено сега, кога се приближува зимата, треба да биде во сржта на одговорот на Европа“, рече Јока Брант, заменик-извршен директор на УНИЦЕФ, говорејќи пред клучниот состанок на Европската унија в понеделник, на кој ќе се разгледуваат следните чекори во бегалско-мигрантската криза. „Сите овие деца, кои веќе доживеаја толку многу страдања, имаат право на заштита и достоинство. Сега е време овие права да се претворат во реалност.“

Меѓу итните акции неопходни за децата се:

Постојано зачувување на семејните заедници, со програми за наоѓање и обединување на семејството на децата кои пристигнуваат без придружба или кои биле раздвоени при патувањето.

Пристап до постапките за азил кои секогаш мора да се преземаат имајќи ги најдобрите интереси на детето како приоритет.

Обезбедување стручна помош и совети за децата и нивните семејства, со што се штитат правата на децата, без оглед на нивниот правен статус, во секој чекор од процесот.

Доволно финансиски средства за системите, службите и капацитетите за заштита на децата, за тие да добијат поддршка од обучени експерти за заштита на децата со истиот висок стандард на грижа кој им се овозможува на децата во сите земји-членки.

Континуирани напори за намалување на опасноста од криумчарите и од другите ризици. Сите деца, особено оние кои се без придружба или одвоени од семејствата, се подложни на експлоатација, насилство и злоупотреба, кога транзитираат и по пристигнувањето во земјите на дестинација.

Осмислување на програми за релокација и преселување, како и за прифатни објекти фокусирани на детето; вклучувајќи и соодветно обезбедување на здравствена заштита, учење и игра, и поддршка и советување за решавање на траумите што децата ги доживеале при патувањето.

Како што се прави повеќе за заштита и згрижување на децата кои пристигнуваат и минуваат низ Европа, исто така, потребна е и континуирана меѓународна поддршка за хуманитарно-развојните напори во земјите на потекло, заедно со напорите да се стави крај на конфликтите и да се реши сиромаштијата, која остава толку многу семејства со малку опции, освен да се решат на опасно патување во потрага по безбедност и можности.

Би можело да ве интересира

Секое трето дете во земјава живее во сиромаштија

Катерина Ѓуровски

Децата се 70 отсто од жртвите на трговија со луѓе во Македонија

Катерина Ѓуровски

УНИЦЕФ ги повика талибанците да дозволат девојчињата да се вратат на училиште

ВИДЕО: Погодено возило на УНИЦЕФ на влезот на Газа

УНИЦЕФ: Најмалку 17.000 деца во Газа се одвоени од своите семејства

УНИЦЕФ: Убиството на децата во Газа мора да се запре, тие не се цел