„ВМРО-Народна партија заради својата независна опозициска позиционираност не го коментираше настанот од пред неколку недели што се случи во општина Центар, а во врска назначувањето на главен градежен инспектор како кадровско решение од страна на СДСМ, кој дотогаш ја извршувал работната задача хаусмајстор во општината. Сметавме дека тоа е уште едно од многуте непристојни меѓупартиски препукувања помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за добивање на ситни политички поени.
Меѓутоа, вчера, хаусмајсторот промовиран од СДСМ како главен градежен инспектор целосно погазувајќи ја својата професионална етичност, наместо да зборува за целта на неговата инспекциска контрола, ја злоупотреби својата службена позиција и коментираше политички настани, во својство на портпарол на СДСМ. При тоа, покажа ФАСЦИНАНТНО познавање од областа на историјата на уметноста и сликарството и како врвен кустос ја објаснуваше содржината, вредноста и значењето на сликата што е дел од интериерот кој него лично го импресионирал.
ВМРО-Народна партија прашува, дали дотичната особа е дел од кадровскиот потенцијал со кој располага СДСМ и претендира да управува со државата. Ако ова е така, тешко на граѓаните во Р.Македонија и нивната иднина со вакви кадровски капацитети.
Очекуваме од градоначалникот на општина Центар кој постојано ја нагласува својата принципиелност при неговото работење, веднаш да го разреши инспекторот и да докаже дека се лага обвинувањата за бизнис релациите меѓу нив двајцата.
ВМРО-Народна партија без оглед каква ќе биде завршницата од сето ова, засебно ќе поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената должност за инспекторот во општина Центар“, се вели во соопштението на ВМРО-НП.