Една милијарда евра до 2020 година за сообраќајната мрежа на Западен Балкан

Од:

Европската комисија е подготвена да обезбеди износ од една милијарда евра до 2020 година за финансирање на регионалната сообраќајна мрежа со коридори во земјите од Западен Балкан, истакнаа шефовите на германската и австриската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмаер и Себастијан Курц.

Тие, во заеднички авторски текст за белградскиот весник „Данас“, наведуваат дека тоа ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да бидат подобро поврзани меѓусебно, но и со ЕУ.

Двајцата дипломати во авторскиот текст по повод Самитот за Западен Балкан, кој се одржува во Виена, оценуваат дека и покрај суштинскиот напредок, стабилноста во овој регион и понатаму е на „стаклени нозе“ и многу зависи од Унијата.

Тие додаваат дека на Конференцијата посебно ќе биде истакнат фактот дека патот преку Западен Балкан е приоритетна рута на се поголем број бегалци кои бараат азил во Европа.

– Ќе расправаме во Виена како ЕУ и како државите поединечно може да дадат поддршка за државите од Западен Балкан во нивните настојувања да се подобри управувањето со границите како и системот за азил, наведуваат Штајнмаер и Курц.

– На 27 август ќе ја обновиме својата цврста приврзаност кон европската перспектива на сите држави од тој регион, изразувајќи суштинска поддршка за Западен Балкан, велат шефовите на дипломатиите на Австрија и на Германија.

Според нив, вратата на ЕУ мора да остане отворена за регионот за да се обезбеди Унијата да остане најуспешен проект за зачувување на мирот во целиот свет.

– ЕУ без Западен Балкан не е целосна. Уверени сме дека Виенскиот самит како продолжение на Берлинскиот процес ќе придонесе за постигнување неизменета цел за сите држави од Западен Балкан. Австрија и Германија со цела сила ќе ги поддржат сите напори насочени кон тоа, заклучуваат двајцата министри во авторскиот текст за белградскиот весник.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ