Чешкиот претседател Милош Земан ќе биде единствениот претседател од Западот, кој во септември ќе присуствува на воената парада на плоштадот Тјенанмен во Пекинг, по повод одбележувањето на 70 години од крајот на Втората светска војна во Пацификот, информираат локалните медиуми.
Патувањето на Земан во Кина е објавено во програмата која на медиумите им ја даде портпаролот на Претседателот Јиржи Овчачек.
Претставници на САД и ЕУ одбија да присуствуваат во Пекинг, на 3 септември, поради загриженоста од кинеската воена експанзија во регионот, иако некои западни земји, ќе ги испратат шефовите на дипломатиите или други функционери.
Чешкиот претседател патува во Кина на покана на кинескиот претседател Кси Џинпинг.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, неговото патување беше поздравено од премиерот и министерот за надворешни работи Бохуслав Соботка и Мирослав Заоралек, констатирајќи дека тоа придонесува за подобрување на чешко-кинеските односи, а опозицијата ја критикува одлуката за посетата, заради проблемите со кршењето на човековите права во Кина.
Во Втората светска војна имаше околу 60 милиони жртви, од кои најмногу (27 милиони) загубени човечки животи од поранешниот Советски Сојуз, а десет милиони мртви во Кина.