За Чешка останува важен регионот на Западен Балкан, изјави чешкиот премиер Бохуслав Соботка денеска во Прага, додавајќи дека целта е да се помогне на овие земји во транзицијата и на патот кон Европската Унија.
Оценувајќи го напредокот на Србија и Црна Гора, Соботка подвлече дека според него, Европската унија треба да обрне внимание на регионот, со оглед на тоа што неговата стабилност е важна за безбедноста, јави дописникот на МИА.
Според Соботка тоа го покажува и актуелната бегалска криза која за него е проблем на цела Европа.
– Само со полна постепена интеграција на земјите од Западен Балкан ќе обезбедиме, регионот да не падне повторно во вителот на етничката и меѓуетничката нетолеранција, изјави Соботка, додавајќи дека низ Балканот води една од главните траси на бегалците.
– И затоа ЕУ мора да посвети големо внимание на западниот Балкан, бидејќи неговата стабилност е од клучно значење за безбедноста и просперитетот на Европската унија”, истакна претседателот на чешката Влада.