Со указ на кралот Бумибол Адулјадеј денеска и формално заврши реконструкцијата на привремената влада на Тајланд, со која се направија персонални измени во министерствата за економија и надворешни работи. Ова е прва реконструкција на владата на чие чело е водачот на воениот удар генералот Прајут Кан-ока, чиј кабинет во стариот состав функционираше една година.
Според аналитичарите, најзначајна промена во владата е направена во областа на економскиот сектор, со цел на чело на министерствата да се донесат луѓе кои поефикасно ќе се борат со можната економска стагнација на Тајланд. Нов шеф на економскиот тим ќе биде Сомкид Јатуспритак, кој од денска е и потпретседател на владата, а нов министер за финансии е назначен досегашиот директор на Националната банка Аписак Тантивораванг.
Досегашниот заменик министер за надворешни работи Дон Прамудвининаи е новиот шеф на тајландската дипломатија.