Властите во Тајланд денеска соопштија дека во болниците во Бангкок има уште 48 лица ранети од експлозијата на подметната бомба во понеделникот. Во експлозијата загинаа 20, а повредени се над сто лица, меѓу кои најголем број туристи од Кина и соседните држави со Тајланд.
Сите ранети се под посебен болнички третман, а трошоците комплетно ќе ги покрие државата, а соодветно ќе бидат финансиски компензирани и ранетите и семејствата на жртвите.
Тајландската полиција сеуште трага по подметнувачот на бомбата, но не соопштува детали од потрагата. Екипи од полицијата и голем број волонтери почнаа да ги анализираат снимките од видео камерите на местото на експлозијата и околината, за да утврдат кога бомбашот доаѓал на локацијата каде што беше активиран експлозивот. Се претпоставува дека злосторникот веќе избегал од Тајланд, па затоа е побарана и помош од Интерпол.