Богатите колекционери на ретки и скапоцени класични автомобили, кои учествуваа на аукциите на годинешната манифестација „Classic Car Week“ во Монтереј, не жалеа пари за да дојдат до својот омилен автомобил.
Како и секоја година, во ова калифорниско градче се собраа бројни љубители на ексклузивните автомобили. Додека повеќето можеа само страдалнички да гледаат во недостижните експонати, оние малубројните, со многу длабок џеб, добро испазарија.
За неколку дена на аукциите се потрошени 390 милиони долари или просечно по 500.000 долари по продаден примерок.
Како што пишува „Монтереј хералд“, од сите скапоцени автомобили што во текот на една година се продадат на аукциите ширум светот, дури 40 отсто новиот сопственик го добиваат токму во овој град.
Иако не ја надмина сумата од 402,6 милиони долари, колку што беа потрошени на истата манифестација во 2014 година, и овој август пооделни примероци достигнаа цени од кои ќе Ви се заврти во главата.
Најскапиот меѓу нив, „Феррари 250 ЛМ Купе“, беше продаден за дури 17,6 милиони долари, додека новиот сопственик на „Мекларен Ф1 ЛМ“ од 1998 година за овој автомобил издвои 13,75 милиони долари.
Од 10 најскапи автомобили, седум се класични модели на „Ферари“ – пет примероци се „250 ГТ“, еден е „250 ЛМ Купе“ и еден е „275 С/340“.
Најевтиниот меѓу првите десет беше „Ферари 275 С/340“ што на аукцијата достигна цена од „само“ осум милиони долари.
Покрај споменатиот „Мекларен“, листата од 10 најскапи ја заокружија „Jaguar C-Type Lightweight Roadster“ од 1953 година и „Порше 956 Купе“ од 1982 година.