Германската компанија „Ауди“ забрзано работи на новата генерација на моделот А8, но сепак актуелната верзија С8 дополнително ја зајакна на моќни 605 коњски сили.
Луксузната спортска лимузина го носи името С8 плус, а е придвижувана од 4,0 литарски ТФСИ В8 бензински мотор со двоен турбополнач. Со доработката С8 плус со 605 коњски сили е најмоќниот модел на Ауди во оваа класа досега.
Ауди С8 плус забрзува од 0 до 100 километри на час за само 3,8 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 250 километри на час. Погонот е на сите четири тркала, а преносот се врши со осумстепен автоматски менувач.
Визуелните измени се минимални. С8 плус има фелни од 21 инч и заден спојлер од карбонски влакна, што може да се добие и во боја на каросерија.
Внатрешноста изобилува со спортски луксуз, а главен материјал во кабината е врвна црна кожа, со црвен конец на рабовите. Почетната цена на спортската изведба на најголемиот модел на Ауди изнесува 145.200 евра.