На социјалните мрежи веќе има подбивање со зголемените активности на премиерот кој секој ден е на неколку места и нешто отвора и пушта во употреба со цел на јавноста да и се прикаже дека многу е сработено. Премиерот пушта во употреба од канализација до тениски игралишта и плажи.
На снимките и фотографиите, премиерот е прикажан дека се разбира во се и го проверува квалитетот на тоа што е сработено. На видеото кое се појави на социјалните мрежи, на профилот на Фајсбук на „Странски служби“ премиерот го отвора прозорецот да провери како е изведен, а тоа е искористено за подбивање дека свечено пуштил во употреба и прозорец.
Премиерот е прикажан и како допира радијатор.
– Ве известуваме дека Груевски среде лето пушти радијатор и во Кривогаштани, не само во Русиново, пишува на профилот на Странски служби. Зголемените активности на премиерот низ земјава наидоа на критика и кај опозицијата, кои рекоа дека се врши манипулација со пуштање во употреба на објекти кои веќе се во употреба и повеќе од една година.
– Во општина Дебрца тој присуствуваше на пуштање во употреба на неколку инфраструктурни објекти во општината. И можеби се би било во ред ако во случајов не станува збор за проекти за реконструкции на постоечки инфраструктурни објекти, објекти кои по извршените реконструкции се ставени во употреба пред повеќе од една година, реагираа од ОО СДСМ – Дебарца по посетата на премиерот Груевски на охридскиот регион.
Реконструираниот водоснабдителен систем во село Ботун, кој премиерот свечено го пушти во употреба, во функција е повеќе од една година, а во реконструираното основно училиште во село Требеништа учениците завршиле една учебна 2014/2015 година, реагираа од СДСМ.