Егзотичниот британски производител на спортски автомобили – „БАК“, на манифестацијата „Pebble Beach“ ја изложи унапредената верзија на својот едносед „Моно“, што со својот дизајн потсетува на автомобилот на Робин, помошникот на Бетмен.
Британците се познати по малите компании што изработуваат тркачки модели со три и четири тркала, но и спортски автомобили што можат да се возат по јавните сообраќајници.
Станува збор за лесни возила со ниско тежиште, што благодарение на своите конструкторски карактеристики и извонреден однос сила-маса, се многу ценети кај вистинските фанови на спортското возење.
Еден од таквите автомобили е и „БАК Моно“. Моделот за 2016 година беше претставен кон средината на месецов пред американските вљубеници во спортски модели.
Придвижуван е од 2.5-литарски четирицилиндерски мотор што произведува 305 кс, што е за 25 кс повеќе од претходната верзија што беше опремена со 2.3-литарски „Cosworth“ мотор.
Ако се знае дека автомобилот е тежок само 580 килограми, со едноставна пресметка се доаѓа до извонреден резултат од 526 кс на еден тон.
Компанијата „БАК“ на купувачите на овој необичен автомобил, меѓу другото, им нуди волан по желба и седишта направено по нивна мерка.