Основното јавно обвинителство – Скопје постапувајќи по допрен глас (информации објавени во медиумите) во текот на вчерашниот ден прибави дополнителни докази од Макпетрол АД – Скопје, од кои се утврди потребата од ослободување на сметките на друштвото со цел овозможување непречена работа, информираат од таму.
Првично Обвинителство му предложи на Основниот суд Скопје 1 – Скопје да се блокираат сметките на акционерското друштво со цел обезбедување на имотот и привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции. Од таму велат дека ја менуваат одлуката со цел да се овозможи непречена работа на „Макпетрол“ за исполнување на веќе преземените обврски за снабдување со енергенси на други субјекти, но и со цел овозможување на работата на трети правни лица во кои „Макпетрол АД Скопје“ се јавува како единствен содружник и извор на финансиски средства за нивното работење.
„Од тие причини во рамките на жалбената постапка што се води пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по повод изјавената жалба од правните лица Макпетрол АД и ОИЛКО КДА – Скопје против донесеното решение на судијата на претходна постапка за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции, доставен е одговор на жалба од Основното јавно обвинителство – Скопје, во кој е даден предлог жалбата на решението во делот на ослободување на банкарските сметки да биде уважена“, соопштуваат од Обвинителство.
Од таму предлагаат до судијата на претходна постапка да се следи платниот промет и транскациите на „Макпетрол“, и „Оилко“, имајќи ја предвид, велат, потребата од следење на работењето.
Во Основното јавно обвинителство – Скопје во тек е предистражна постапка и од таму велат дека сите преземени дејствија се сметаат за тајна и дека во овој момент нема да се соопштуваат активностите.