Нерешено заврши мечот меѓу француски Сесон и африканската екипа Ел Замалек 22:22(13:9) во рамки на ракометниот турнир во Струга, кој поради синоќешниот дожд беше прекинат на ракометното игралиште „Женска плажа“ и се доигра утрово во спортската сала „Нико Нестор“.
Французите имаа убедливо водство на почетокот од мечот, бидејќи африканците својот прв гол го постигнаа дури во 11-тата минута. Во текот на синоќешниот дел од натпреварот Сесон одржуваше позитива од четири гола, разлика со која замина и на полувреме.
Египетскиот првак второто полувреме го почна со агресивна игра и со серија од пет гола го изедначи резултатот на 18:18. На две минути до крајот Французите повторно се вратија во позитива од два гола 22:20, за во последната секунда африкнаците да постигнат гол за конечниот резултат 22:22.
На вториот ракометен ден од 43. Меѓународен ракометен турнир Струга 2015, синоќа македонскиот вицешампион Струмица ја совлада романската екипа Динамо Букурешт со 25:24.
Со досегашните резултати од претходните два дена сите екипи имаат еднакви шанси за освојување на годинашниот ракометен турнир
Дуелите меѓу Бенфика и Залаек (19:00) и Динамо Букурешт и Бешикташ (20:45) се играат вечер, додека утре е финалето и натправарите за пласман.