Претставата „Кирил и Методиј“ – идеја за цивилизација на љубовта и носталгија по единството

Од:

На сцената Долни Сарај во Охрид вечер во рамки на „Охридско лето“ ќе биде праизведена претставата „Кирил и Методиј, Who are you?!“ по текст на Јордан Плевнеш, во режија на Мартин Кочовски, а во изведба на Прилепскиот театар и актери гости од Македонија и странство.

Според раководителот на театарот, ова е вонреден проект на Министерството за култура, а претставата е работена во копродукција со асоцијацијата НЕТА (Нова европска театарска акција), со седиште во Љубљана, и е задолжена за меѓународната афирмација на проектот, надвор од Македонија. Во копродукцијата е и „Сфумато театар“ од Бугарија.

Претставата има специјална покана да биде дел од Првиот европски фестивал во Букурешт на 2 септември каде ќе ја има светската премиера. Идејата за текстот на „Кирил и Методиј“ е од пред 20 години, објаснува писателот Јордан Плевнеш.

– Пред 20 години еден полски продуцент, додека бев во Њујорк кога се изведуваше праизведбата на претставата „Среќата е нова идеја во Европа“, ми се обрати со писмо да пишувам текст за Кирил и Методиј. Јас тоа го прифатив. Почнав едно истражување на кој начин нивната идеја за цивилизација на љубовта и носталгија по единството да стане светска тема во една нова драма. Пред три години, од организацијата на НЕТА асоцијацијата побараа мој текст за претстава да биде прикажана на Првиот европски фестивал што ќе се одржи во Букурешт. Јас го предложив текстот „Кирил и Методиј“ и беше побарано дел од проектот да бидат режисерот Мартин Кочовски и прилепскиот ансамбл со кој постигнаа светски успеси. Оттогаш започна подготвоката за овој проект. Кон проектот се приклучи и нашето Министерство за култура. Во Букурешт ќе играме во огромниот нов театарски објект со седум сцени, изјави Плевнеш.

За режисерот Мартин Кочовски, кој со прилепскиот ансамбл веќе бележи успеси низ светските сцени, посебна возбуда била работата на претставата во краток период со огромен интензитет.

– Среќен сум што работам текст на Јордан Плевнеш. Среќен сум што работиме на толку голема тема. Ова е посебен проект. Претставата на целата екипа и дава нов поглед на театарската мисија. Публиката емотивно ќе ја почувствува цивилизацијата на љубовта и ќе ја сфати носталгијата по единството како хуманистичка, а не политичка идеја. Мотото на претставата е дека од тука до Владивосток се стигнува со Добар ден, објаснува Кочовски.

Покрај актерите од прилепскиот театар; Игор Трпче, Виолета Чакарова, Андон Јованоски, Димитар Црцороски, Наташа Наумоска, Ангела Наумоска, Александар Тодески, Димитрина Мицкоска, Илија Волчески, Владимир Ѓорѓијоски, во претставата играат и: Ѓорѓи Јолевски од МНТ, Здравко Стојмиров од Битолскиот театар, Хриса Јоаниду од Националниот театар од Северна Грција, Марија Ѓаковска од Бугарија.

Костимите ги изработи Елена Иванова од Бугарија, сценографијата е на Јани Константиновски од Полска, а музиката на Горан Трајковски.

Сценографот Јани Константиновски од Полска кој цело време работеше со екипата е посебно задоволен за овој проект кој е негова прва работа во Македонија.

– Задоволсатво ми е што работам со сите во проектот. Темата од претставата е многу возбудлива зашто траумите што се случуваат во Европа се големи, има голема миграција на народите. Текстот е врзан со хуманизмот кој на Европа во ова време и е потребен, вели Константиновски.

По светската премиера на 2 септември на Националниот фестивал во Букурешт, претставата „Кирил и Методиј, Who are you?!“ на 20 септември ќе гостува на фестивалот „Експонто“ во Љубљана. Има и неколку покани за меѓународни гостувања и во 2016 година.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма