ЦИВИЛ веќе повика да се сопре спиралата на насилство меѓу младите, а органите на прогонот итно да ја завршат својата работа за да не дојде до нови пресметки меѓу младите луѓе на скопските улици. Насилството на скопските улици продолжи. Чаршијата и социјалните мрежи се преплавени со шпекулации, а институциите на системот молчат!
Остануваат неодговорени прашањата за кои институциите не смеат да си дозволат да бидат поставени, а кога веќе дошло до тоа да се постават, не смеат да молчат! Кој е виновен за лудилото на етничката омраза која, како зараза, се шири меѓу младите луѓе? Кој манипулира со незадоволството на младите, организирани во навивачки групи, делат своја „правда“ над „инаквите“?
Три меѓуетнички тепачки за само четири дена. Дали власта на овој начин ја одбележува 14-годишнината од Охридскиот договор?!
ЦИВИЛ – Центар за слобода уште еднаш повикува на одговорност за нападите кои се случија во центарот на Скопје!
Зарем не се доста фотографиите од претепани млади луѓе, деца, од крвјосаните лица на жртвите над кои се изживувале сурови напаѓачи на централниот скопски плоштад, пред трговскиот центар „Мавровка“, на влезот во старата Скопска чаршија?
Каде е МВР?
Каде е Обвинителството?
Дали полицијата, приватното обезбедување и камерите за надзор се наменети само за заштита на спомениците и фасадите? Безбедноста на живите луѓе, очигледно, не е на листата на оние што вработуваат (а ние плаќаме) персонал за чување на спомениците.
По првата тепачка по натпреварот меѓу фудбалските клубови „Вардар“ – „Шкупи“, ЦИВИЛ побара од надлежните институции итно да реагираат, да ги пронајдат одговорните за насилство врз недолжни луѓе, меѓу кои жени и малолетници. Баравме итна реакција. Ни збор не слушнавме.
Одмолчаа и Фудбалската федерација, и клубовите „Вардар“ и „Шкупи“, и „Шверцерите“ и политичките лидери на владејачките партии кои неретко ги користат „услугите“ на навивачките групи. Се јавија со обид да се бранат само „Комитите“, но соопштението го завршија со закана!
Спортските трибини во Македонија се претворија во локации на кои, наместо спортскиот дух, се иницираат насилство и омраза, кои се прелеваат на улиците, во парковите, во јавниот транспорт…
Во повикувањето на одговорност не можат да се пренебрегнат ни родителите чии деца се регрути во екстремистички и насилнички групи.
Не смее да се амнестира ни образованието, кое е девастирано со катастрофалните реформи. Образованието одамна претставува простор преку кој се промовираат национализмот, шовинизмот, предрасудите и говорот на омраза, а за сметка на тоа ја загуби воспитната компонента.
Што во овие околности прават спортските функционери?
Ќе има ли во Македонија судија, кој при изблик на национализам на спортските терени, ќе има храброст да го прекине натпреварот?
Ќе има ли во Македонија политичар кој ќе допре до разумните личности и кај „своите“ и кај „другите“ и ќе го прекине лудилото?
Одговори на сите овие прашања мора да се дадат веднаш, пред тепачките да прераснат во уште посериозно насилство.