САД треба да ја обештетат Куба за повеќемилионските загуби, кои островот ги претрпе поради американската политика, пишува историскиот лидер на кубанската револуција Фидел Кастро во статија.
САД се „должни да ја компензираат Куба за штетите, проценети на повеќе милиони долари“, пишува Кастро во написот „Реалност и мечти“, објавен во кубанските медиуми.
– Куба никогаш нема да ја прекине борбата за мир и благосостојба на сите луѓе независно од бојата на кожата и земјата на потекло на секој жител на планетата, изјави Кастро, пред утрешната посета на Хавана на државниот секретар на САД Џон Кери.
Кастро на сите граѓани им посака „еднакви права за здравството, образованието, социјалата, храна, безбедност, култура, наука и благосостојба“.
Во статијата Кастро не ја споменува новата етапа во односите со Вашингтон и претстојната посета на Кери на Куба. Тој, меѓутоа, посочи дека по Втората светска војна и атомското бомбардирање на Јапонија САД станале земја со „најголемо богатство на Земјата, напоредно со разурнатиот свет, полн со смрт, ранети и гладни“.
Кубанскиот лидер, кој ја напушти власта поради здравствени причини во 2006, денеска полни 89 години.
Утрешната посета на Кери на Куба е прва посета на американски државен секретар на островот по 1945 година.