Специјалниот известувач на ОН за правото на храна, Хилал Елвер, денеска предупреди дека вооружените фракции во Јемен „намерно изгладнуваат цивили“, додека земјата се бори со кризата за храна, заради која 850.000 деца страдаат од акутна неухранетост.
Елвер предупреди дека кризата за храна и натаму се влошува и дека во следните недели бројот на неухранети деца може да достигне 1,2 милиона.
Како што јавива Танјуг, шест милиони лица сериозно се загрозени заради недостаток од храна, наведе Елвер во соопштение, додавајќи дека за тоа делумно се виновни вооружените групи кои ги зазеле населените центри.
Опсадите на многу покраини како што се Аден, Ал Дали, Лах и Таиз го спречуваат цивилното население да дојде од основните животни продукти, како што е пченицата, се наведува во соопштението.
Таа истакна дека бомбардирањата имале за цел напади на пазари и камиони што превезуваат храна.
Елвер потсети дека „намерното изгладнување цивили во меѓународниот и внатрешен вооружен судир“, може да се третира како воено злосторство, не наведувајќи при тоа ниту една одредена група.
Провладините сили, кои се поддржани од Саудиска Арабија, со месеци се борат да го вратат на власт соборениот претседател Абедрабо Мансур Хади, кој се наоѓа во егзил во Ријад. Во последните недели тие постигнаа неколку победу против бунтовниците, кои се поддржани од Иран и кои, и покрај неодамнешните загуби, ветија дека ќе ја повратат изгубената територија.