Одлично сочуваниот примерок од топ моделот на „Ферари“ од 1992 година е продаден на аукција што ја организираше аукциската куќа „Coys“ за 1,12 милиона евра и со тоа стана најскапиот „Ф40“ на сите времиња.
Аукцијата беше одржана на 8 август на Нирбургринг, а автомобилот што претходно го поседувало едно италијанско семејство го купи анонимен Германец.
„Ферари“ во периодот од 1987 до 1996 година изработил 1.311 примероци од овој легендарен модел, последен што беше лансиран додека на чело на компанијата се уште беше нејзиниот основач, Енцо Ферари.
Кога пред три децении се појави на пазарот „Ф40“ се продаваше за тогашните 400.000 долари. Се движи на би-турбо В8 бензинец што развива приближно 500 кс.
За дизајнот беше задолжена „Пининфарина“, а панелите на каросеријата се направени од кевлар и јаглеродни влакна за масата на возилото да се сведе на минимум и конструкцијата дополнително да се зацврсти и со тоа да се подобрат возните карактеристики.
На истата аукција нови сопственици добија уште некои класични спортски автомобили, па така „БМВ 328 Роадстер“ од 1937 година беше продаден за 562.000 евра, а „Ламборџини Еспада СИИ“ за 145.000 евра.
Во понудата беше уште еден „Ферари“ од поновата историја на оваа компанија, моделот „360 Модена“ од 2003 година, што сопственикот го смени за сума од 182.000 евра, додека „Форд ГТ“ од 2000 година се продаде за 227.000 евра.