Груевски со стари финти им се додворува на гласачите и покрај инкриминираноста

Од:

Премиерот, Никола Груевски, како претседател на владејачката партија, не губи време и се впушти во кампања за да го сочува своето гласачко тело. Периодов Груевски можеше да се види на пет различни локации во еден ден. На едно место сече ленти, на друго пушта во употреба нови проекти, става темелници на трето место и при тоа не пропушта да ги најави новите инвестиции. Додека трае паузата на преговорите кои следеа по договорите од 2-ри јуни и 15-и јули, Груевски се наврати на стратегиите кои беа дел од неговите предизборни кампањи.

Само вчера премиерот се најде на пет различни локации. Последните анкети покажаа дека опаѓа поддршката на граѓаните кон владејачката партија, па зачестените појави на Груевски можат да се сфатат како обид таа да се поврати и да се пресретнат промените што ќе следат како што ќе се развиваат политичките преговори. Додека тој галопира низ Македонија со ножичките за сечење ленти во рака, опозицијата мирува. Ниту ги има ресурсите ниту ја има медиумската покриеност за да му парира на премиерот.

– Наместо осуда на безочната злоупотреба од партијата на власт на државните ресурси во предизборни вели, расте „загриженоста“ зошто ја нема опозицијата во ист тако поход низ државата (се разбира таа без државниот буџет и медиумите зад себе како логистика). Дали тоа значи дека се прифаќа и понатаму и се поставува ваквото однесување како урнек за успех на изборите?! И не е веќе битен валјаниот багаж што го влече владејачката гарнитура? – коментира поранешниот одговорен уредник на ТВ „Телма“, Емилија Лазаревска.

Во една прилика премиерот упати прекор до опозицијата велејќи дека зависи од нејзината конструктивност дали ќе се запазат роковите за избор на специјалниот јавен обвинител. Сепак со ваквото однесување тој покажува неконструктивност и непочитување кон преговорите. Без разлика на извештајот од експертите на ЕК кои посочуваат на нераздвоеност меѓу партијата и државата, власта на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите веќе видени пропагандни тактики.

„Многу од сомнежите кои претходно беа покренати, а се однесуваат на мешањето во судството, ограничувањето на слободата на медиумите, изборните нерегуларности, спојувањето на државата и партијата, како и недостатокот на надзор над разузнавачките активности се потврдија со наодите на групата… Очигледно е дека спроведувањето на препораките на групата ќе бара политичка волја и одлучност да се направат промените“, стои во извештајот на групата предводена од Рајнхард Прибе.

Дополнително се споменуваат и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР за претходните изборни циклуси, па наведено е дека „набљудувачите покажале загриженост за несоодветното раздвојување помеѓу државата и партиските активности.“

Кабинетот на премиерот зачестените активности ги нарекува работни посети. Така тој во својата „работна посета“ на охридскиот регион пресече четири ленти во еден ден, и тоа неработен.

gruevskitre1

-Вчера во Ресен Груевски пушти во употреба нова зграда со 18 социјални станови, новоизградено тениско игралиште во основно училиште и нова плажа во Стење. Во Демир Хисар ја пушти во употреба новата станбена зграда со 25 стана, наменети за лица со социјален ризик.

-Во саботата премиерот го посети Плаошник и се информираше за возобновувањето на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, а ја посети и Технолошко-индустриската развојна зона Охрид – Струга.

gruevskitre12

-Во петокот при посетата на Охрид на пригодна свеченост го предаде во употреба новоизградениот кружен тек на крстосницата на булеварот „Туристичка“ со улицата „Бистрица“, го пушти во употреба реконструираниот водовод во селото Ботун, го означи почетокот на изградба на колекторски систем во селото Мешеишта, во општина Дебарца, го посети реконструираното подрачно училишта во селото Требеништа, а го посети и реконструираниот објект на подрачната единица на основното училиште „Дебарца“ во село Требеништа.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Влен: За враќање на Груевски, претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно

На Груевски му застарува затворската казна во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот

Катерина Ѓуровски

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави

Врховниот суд пресече за „Плацеви на Водно“ – за Груевски останува казната од Апелација

Османи: Груевски треба да биде во Македонија и тука да се соочи со правдата

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески